„Нема средба, нема предвремени избори“

од Берта Китинска
252 прегледи

Не барам Ковачевски да брза. Нека размисли, знам дека ќе го советуваат да одбие. Но, нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе. Очекувам одговор во следните десетина дена. Нека биде краен рок 10 мај – вторник, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој му предложи на премиерот Димитар Ковачевски заедничка и јавна средба на која ќе разговараат и договорат датум за одржување предвремени парламентарни избори.

-Ќе предложам четири тима од ВМРО-ДПМНЕ составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале во минатото, во четири акутни области – економија, надворешна политика, здравство и образование, во кои се детектирани клучни акутни проблеми во моментот во земјата. Овие тимови ќе работат со тимови во власта во меѓу периодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори, про боно без никаков надомест и никакви привилегии. Тука сме да и помогнеме на Македонија кога и е најтешко, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Според Мицкоски, ќе овозможи да се решат „акутните проблеми во општеството и да се ослободат граѓаните од тензијата во која живеат“. А потоа, нагласи тој, на предвремените парламентарни избори народот нека одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да има.

–Доколку ја одбие и оваа понуда за средба за излез од националната катастрофа што ја живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава, а потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори, рече Мицкоски.

Ковачевски му одговори на Мицкоски дека не прифаќа уцени

Јас кажав повеќе пати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата, објави премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук статус.

– Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња. Но, тоа Мицкоски очигледно не го интересира бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера. За среќа, ние сме одговорна партија и Влада која нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи , напиша Ковачевски.

Што се однесува до заканите за некаква радикализација, нагласува, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани.

– Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат. Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести. ВМРО-ДПМНЕ прави се друго освен реална и конструктивна политичка работа, вели премиерот Ковачевски.