Мицкоски: Набргу денеска на сето ова ќе му дојде крај

од Берта Китинска
219 прегледи

Жалам што во СДСМ и Владата нема мудрост, ниту државотворен капацитет. Жалам што вака постапуваат кога на народот му е потребно обединување, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откога премиерот го одби неговиот предлог.

Ставот на Мицкоски доаѓа откога Ковачевски одби да се сретне со опозицискиот лидер за да договорат датум за предвремени избори. Според ВМРО-ДПМНЕ, понудата има подадена рака за единство за кое Мицкоски смета дека Владата нема капацитет за тоа.

– Од Ковачевски гледаме сѐ, освен она што му е потребно на народот. Не можам да разберам, зар толку им се важни тендерите во четири очи и привилегиите што ги уживаат? Не можам да разберам како може денот да го почнуваат и завршуваат кога знаат дека огромно мнозинство граѓани сакаат оваа Влада да замине и огромно мнозинство македонски граѓани велат дека Македонија се движи во погрешна насока. Очекував аналитичност, Ковачевски да излезе пред медиумите, и ако се одлучил да ја одбие подадената рака од мене, тоа да го направи на отворена сцена, да не се крие зад статуси на социјалните мрежи или да испраќа непознати ликови да тоа го прават место него на прес-конференции. Во Ковачевски и Владата гледам неодговорно однесување. Набргу денеска на сето ова ќе му дојде крај, рече Мицкоски.