Треновски: Фискалната поддршка на Владата не е спорна, проблем е начинот на планирање, спроведување и контролирање на мерките за справување со кризите

од Vladimir Zorba
316 прегледи

Намалената проекција за економски раст од 3,7 % на 2,7% за Македонија што вчера ја најави Светска Банка во својот полугодишен извештај, е сосема очекувана имајќи ги предвид ревидирањата на голем дел од макроекономските варијабли (домашни и глобални) за 1 %, вели за „Локално“ професорот на економскиот факултет при УКИМ, Борче Треновски во надеж дека нема да има потреба оваа проекција повторно да биде ревидирана во скоро време. Не гледа ништо спорно ниту во критиките кои се однесуваат на „дарежливата“ фискална политика, јавниот долг, дефицитот и видот на фискалните мерки бидејќи како што вели тој,експанзивната фискална политика во нашата држава не е поразлична од политиките што се преземаат во голем број на земји во регионот и ЕУ.

Проблемот според Треновски е начинот на планирање, спроведување и контролирање на тие политики и мерки преземени за справување со пандемијата и кризите кои следеа.

-Најексплицитно ова се гледа во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за државната помош, каде се наведени критични точки и недостатоци во процесот на фискалната поддршка која беше обезбедена: нема план/стратегија за фискалната поддршка во услови на криза; 43% од уредбите со законска сила биле менувани и по неколку пати; нема направени проценки и анализи за потенцијалното влијание и ефикасноста на мерките врз економијата во целост; отсуството на интегриран систем на евиденција за реализацијата на дадената финансиска поддршка; недоволна транспарентност при доделувањето на средствата за финансиска поддршка, распределба без утврдени критериуми за изборот на институции и општини, без критериуми за износот на одобрените средства итн. Ова е тоа што треба да не згрижува повеќе, не само потрошените износи на средства – треба да не загрижува тоа што ваквите средства во контекст на претходното постои ризик да дадат ниски или незначителни резултати, смета професорот.

Оттука според него не постои дилема дали треба да се обезбеди поддршка на граѓаните и бизнисите туку прашање е како и дали ефектите од истата ќе бидат пониски од трошоците.

-Треба да имаме секогаш предвид дека задоволување на сите барања без подобрување/реформи на системот и ефикасноста е како пуштање на вода низ систем од цевки, кој има голем број на дупки, запушувања и корозија. Оттука позитивната страна е тоа што – креаторите на политиките имаат можност (која не ја користат) со државната помош/фискалната политика која ја даваат, да договорат (преговараат) и определени барања за подобрувања и реформи – и тоа треба да оди рака под рака, едното со другото, истакнува тој.

Според Треновски, треба да се излезе во пресрет на барањата за зголемување на платите, но претходно да се постават индикатори за утврдување на перформансите (кој-колку работи, а кој ништо не работи), адекватна систематизацијата и број на администрација, задоволство од услугите кои се нудат итн.

К.В.С.

Слични содржини