Ковачевски: Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина

од Vladimir Zorba
241 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше свое обраќање на настанот по повод Денот на македонскиот јазик.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека Владата искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет, и во таа насока прогласувањето на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвои азбуката на македонскиот јазик и кириличното писмо како официјална азбука и писмо, е една од обврските за исполнување на овој завет, што ги презеде Владата од 2017 година наваму.

На настанот, на кој присуствуваа бројни претставници на политичката, општествената и академската јавност, свои обраќања имаа и министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска, претседателот на Советот за македонски јазик професор Људмил Спасов, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

„Годинешното одбележување на Денот на македонскиот јазик не обврзува уште еднаш да испратиме јасна порака: Оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ.

И денес наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднината. Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина.

Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации. Да го чуваме и унапредуваме, и достојно да му го предаваме на сите генерациите после нас“, изјави меѓу другото Ковачевски.