Мерките што ги презема Владата се половични и недоволни, па граѓаните денес плаќаат многу високи цени за снабдување со гориво на бензинските пумпи, обвинува Алијанса за Албанците.
Според партијата, цените на горивата денеска се приближуваат до цените пред Владата да преземе мерки за намалување на ДДВ од 18% на 10%. Ваквата состојба, како што велат, докажува дека Владата повторно ќе мора да се врати на предлозите на Алијансата за Албанците и да се откаже од нивните политички инаете од кои страдаат само граѓаните.
„На 8 март Алијансата за Албанците, внимавајќи и размислувајќи како и секогаш за доброто на паричникот (џебот) на граѓаните на оваа држава, предложи конкретни мерки за намалување на ДДВ од 18% на 5%, за намалување на акцизата за бензинот од 22 на 15 денари, додека за дизелот од 15,50 на 9,00 денари, намалување на минималната можна трговска маржа од страна на операторите на трговијата на мало и во краен случај да се види можноста за замрзнување на вредноста на ДДВ и акциза на нивоа на максимална граница.
Но, оваа неспособна и неодговорна влада, во повеќето случаи непрофесионална, не ги зема предвид нашите предлози, но реалноста покажа дека предвидувањата на Алијанса за Албанците се аргументирани и засновани на факти“, велат од Алијанса за Албанците.
Оттаму порачуваат Владата да седне што поскоро и да ги разгледа предлозите на Алијансата за Албанците, бидејќи на светските берзи се предвидува дополнително зголемување на цената на црното злато и со сегашните акцизи и даноци, цените на мало ризикуваат да се зголемуваат уште повеќе отколку што се моментално.