Тренерот на Баерн (Минхен), Џулијан Нагелсман, изјави дека првичните разговори за обновување на договорот на Роберт Левандовски меѓу управата на клубот и напаѓачот биле позитивни.
„Веќе прашав дали разговорите се одвиваат добро и дефинитивно е така. Мојот став не е променет, а тоа е дека дефинитивно сакам да го задржам Роберт и да му го продолжам договорот. Сите знаеме дека агентот на Лева, Пини Захави е личност која сака да преговара. Затоа ни треба малку трпение, а трпението е една од моите најсилни работи“, изјави Нагелсман.
Актуелниот договор на 33-годишниот полски фудбалер со Баерн истекува во 2023 година, а клубот не сака да го продаде ова лето и покрај многуте информации за интерес од Барселона.
Договорите на капитенот Мануел Нојер и Серж Гнабри, исто така, истекуваат на крајот на следната сезона. Томас Милер веќе повторно потпиша со Баерн до 2024. „Фактот што го продолжи договорот е многу важен и испраќа позитивен сигнал. Тоа може да значи дека другите ќе го следат, па среќен сум“, додаде Нагелсман.
Колентен Толисо, исто така, останува дел од гигантот од Минхен, иако неговата иднина во клубот може да биде доведена во прашање поради повредите кои го мачат играчот.
„Многу го ценам. Ќе видиме што ќе понуди иднината“, додаде тренерот, кој призна дека здравјето на играчот веќе е „мал проблем“.