Мерцедес не знаат зошто болидот покажува подобри перформанси

од Vladimir Zorba
314 прегледи

Џорџ Расел синоќа заврши прв на вториот слободен тренинг за Големата награда на Мајами, но по сесијата призна дека подобрувањето во перформансите на W13 било изненадување.

„Тоа беше мојот најдобар петок од почетокот на сезоната“, изјави Британецот. –
„Искрено, не разбравме како се случи нашиот автомобил да се претстави толку добро од почетокот на викендот. Бевме свесни дека условите овој викенд може да бидат подобри за нас, бидејќи досега имавме проблеми со загревањето на гумите, дури и во Бахреин, но ова е првиот навистина жежок тркачки викенд оваа година“.

Расел додаде дека е задоволен од неговата изведба, но појасни дека никој во тимот не се осмелува да помисли дека сите проблеми на болидот се веќе решени.

Скокањето на болидот на крајот на правците останува проблем за Мерцедес, особено кога болидот има полн резервоар, но веќе има охрабрувачки знаци дека тимот се справува со овие тешкотии.

„Знаевме дека нема да можеме веднаш да се ослободиме од скокањето, но сега е послабо од порано“, додаде пилотот. „Со полн резервоар се чувствува многу сериозно и се чини дека нема подобрување. Но, ако можеме да го спуштиме болидот уште малку, веројатно ќе добиеме подобри резултати“, смета тој.

Расел појасни дека Мерцедес биле далеку од перформансите на Ферари и Ред Бул на „Имола“, но посочи дека во Мајами сликата ќе биде поинаква и ќе има повеќе возачи во челото.

Слични содржини