Ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо имал серија лични состаноци со Сер Алекс Фергусон за да разговара за својата иднина. Во моментов двајцата живеат на имоти во Чешир, кои се наоѓаат еден до друг, а според „Mirror“, Роналдо често го посетува својот ментор.
Не е тајна дека тие двајца отсекогаш биле блиски, а легендарниот Шкотланѓанец имаше клучна улога во враќањето на Кристијано на „Олд Траофрд“ пред една година.
Изданието тврди дека Фергусон се уште се обидува да го задржи својот миленик барем во текот на следната кампања.
И покрај тоа што сезоната е вистинска катастрофа за „црвените ѓаволи“, Роналдо повторно ги одржува добро познатите стандарди, бидејќи досега има 24 гола за Манчестер Јунајтед.
Шпекулациите за неговата иднина траат со месеци, но самиот играч во јавноста на ниту еден начин не ја коментирал оваа тема.
Според Ралф Рангник, иднината на Роналдо зависи од тоа дали новиот постојан менаџер Ерик Тен Хаг ќе сака тој да остане во клубот и дали Португалецот ќе се вклопи во шемата што сака да ја наметне.
Според „Mirror“, еден од главните проблеми во оваа насока може да биде тоа што Роналдо сака да одигра што повеќе натпревари следната сезона, додека Холанѓанецот има намера да го користи поретко за да изгради состав за во иднина.