„Oва лето Северна Македонија ќе ги чека Бугарија и ЕУ да го преземат вистинскиот чекор“

од Берта Китинска
236 прегледи

Брисел да се одважи и да го исполни својот дел од обврската и час поскоро да биде одреден датум за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија, со што ќе се означи и почеток на преговорите. Процесот треба да продолжи што е можно поскоро, бидејќи Македонија ја одработи својата задача во однос на зачленувањето во Европската Унија.

Ова се пораките кои беа упатени вчера од страна на премиерот Димитар Ковачевски и американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, кои посочија дека најавениот стратешки дијалог со САД е процес кој е почнат уште поодамна и не претставува никаква замена за членството во Унијата. Премиерот Ковачевски вчера истакна дека е на иста линија со шефот на дипломатијата Бујар Османи, нагласувајќи дека повеќе пати досега нагласил оти земјава веќе 17 години е кандидат за членство и досега 45 отсто од нејзиното законодавство е хармонизирано со законодавството на ЕУ.

Имено, Османи најави конкретен дијалог и конкретни чекори за решавање на спорот со Бугарија следните две недели, но и порача дека ова лето Македонија ќе ги чека Бугарија и ЕУ да го преземат вистинскиот чекор во однос на земјава, а доколку тоа не се случи, тој смета дека треба да се повлече линија.

Според Ковачевски, државата донесе тешки одлуки и време е ЕУ конечно да ја донесе одлуката за одржување на првата меѓувладина конференција. Премиерот смета дека секој процес, кој трае долго, а кој нема резултат на крајот доведува до намалување на довербата кај граѓаните во земјава, кои, пак, како што кажа, даваат силна поддршка на евроинтергативниот процес.

-Како држава имаме направено многу работи и граѓаните имаат сторено многу во однос на очекувањата за преговорите со ЕУ. На тој пат се имаме откажано од некои работи, имаме донесено тешки одлуки и ЕУ треба конечно да ја донесе одлуката, зборувам за сите членки и за соседна Бугарија, за одржување на првата меѓувладина конференција, рече Ковачевски, кој додаде дека секој процес, кој трае долго, а кој нема резултат на крајот доведува до намалување на довербата кај граѓаните во земјава, кои, пак, даваат силна поддршка на евроинтергативниот процес.

За тоа каде ќе се движи земјата ако не добиеме датум за преговори во јуни, Ковачевски истакна дека правецот се секогаш евроатлантските интеграции.

-Оваа владина коалиција ја донесе одлуката за зачленување во НАТО, донесе тешки одлуки и станавме дел од НАТО, остана предизвикот да се зачлениме во ЕУ. Секако тука е спорот со Бугарија, но ние ќе работиме, како што и досега работевме на усогласување на законодавството, на процесите во државата за зголемување на нашата соработка со сите зејми-членки во ЕУ, но и на зголемување на нашиот стратешки партнерски однос со САД, истакна Ковачевски.

Стратешкиот дијалог почнува јуни во повеќе сфери – надворешната политика, економија, инвестиции, образование, одбрана, а следната недела ќе биде дефиниран тимот на министри и експерти, кои ќе престојуваат во Вашингтон и ќе имаат таму состаноци на соодветното ниво. Најавеното стратешко партнерство со САД, потенцира Ковачевски, не е замена за членството во ЕУ.