Со одлука на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од вселенскиот патријарх Вартоломеј, Македонската православна црква – Охридска Архиепископија е призната за канонска црква. Потегот не значи томос за автокефалност, туку претставува објава дека МПЦ-ОА не е во шизма и раскол со православниот свет.
Ова значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
Во официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија меѓу другото се вели:
„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј” врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.
Како име на оваа Црква го признава „Охридска” (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.
Ваквиот чекор на Патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква. Признавањето на каноничноста од страна на Мајката Црква, првопрестолната Вселенската Патријаршија ѝ стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.