ВМРО-ДПМНЕ почнува со активна блокада на Собранието.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски информираше дека од денес стартува активната блокада во Собранието.
„Таа е последица, реакција на акцијата на владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ кои не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност на дијалог по најважните прашања во оваа држава. Блокадата следи откако Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија“, порача Мицевски.
Покрај ВМРО-ДПМНЕ учество во активната блокада најави и партијата БЕСА која има двајца пратеници.
СДСМ: Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ е антидржавна
Неодговорна, штетна и антидржавна е одлуката за блокада на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, реагираат од владејачкиот СДСМ на прес-конференцијата на Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски, по нарачка на Никола Груевски, прави сè државата да има дополнителни проблеми во време на најголема светска економска и енергетска криза, среќен единствено кога создава блокади. Сето ова Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го прават во обид да ја покријат неспособноста на нивните градоначалници, но и криминалот во нивните редови потврден со признанија и ефективни судски пресуди. Собранието не е пазар туку законодавен дом во којшто се носат закони од интерес на граѓаните. Не може Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се пазарат кој закон ќе го блокираат а кој не. Сите закони блокирани од опозицијата се закони од интерес на државата и за добро на граѓаните и тоа е факт“, е потенцирано во напишаното од страна на партијата на власт.
Од таму оценуваат дека одговорни политичари не прават блокади, не уценуваат, не одмагаат, не се ситат кога на народот му е тешко. Спротивно на тоа, додаваат од СДСМ, помагаат, работат, предлагаат, бараат решенија, нудат предлози.
СДСМ, појаснуваат од партијата, има решенија за деструкцијата на Мицкоски.
„Со сите демократски средства и деловнички можности, СДСМ и парламентарното мнозинство ќе се спротивстави на блокадите и деструкциите од ВМРО-ДПМНЕ. Нема да дозволиме граѓаните да страдаат заради лични или партиски хирови на Мицкоски. Парламентарното мнозинство е зголемено, стабилно и е функционално, а парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин, во 2024 година“, е нагласено во соопштението испратено од оваа партија.