Во текот на оваа и идната недела ќе го започнеме процесот на подготовка за донесување на нов Изборен законик, информира денеска на прес-конференција министерот за правда Никола Тупанчески.
„Идејата е од Министерството за правда иницијално да тргне процесот за подготовка на нов Изборен законик, кој би значел вградување на сите препораки од меѓународниот фактор, пред се од ОДИХР/ОБСЕ, меѓутоа и забелешките од другите засегнати страни“, посочи Тупанчески.
Во текот на оваа недела, информира тој, до сите засегнати страни ќе биде испратен допис во кој ќе бидат поканети пред се политичките партии, да земат учество во подготовката на Изборниот законик. Тој најави дека ќе бидат поканети и другите засегнати страни, односно невладините организации, здруженија и сите кои на некој начин се поврзани со изборната проблематика.
Според Тупанчески, Изборниот законик претставува еден од основните претпоставки за едно демократско општество и Министерството за правда треба да биде максимално транспарентно и инклузивно и да ги имплементира забелешките кои беа споменати при спроведувањето на последните предвремени парламентарни избори.
„Сакаме процесот да биде транспарентен и инклузивен зашто се работи за хиперсензитивна материја која може да има широк појас на консеквенции во однос на она што се нарекува имплементирање на демократијата во најширока смисла на зборот. Едно од посебните укажувања на меѓународниот фактор беше дека најдобро ќе биде Изборниот законик да биде донесен најмалку шест месеци пред изборите, затоа што тоа се правила на игра кои треба да се почитуваат. Предуслов е и вториот сегмент, а тоа е да се почитува начелото на консензуалност“, појасни Тупанчески.