Портпаролот на МПЦ-ОА, миторполитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски, Тимотеј денеска изјавил дека македонската црква ќе се вика МПЦ-ОА и дека Охридска архиепископија не е понижувачко име, бидејќи „со себе имате една историја од десет века“.
–Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх г.г.Вартоломеј за синодалниот акт за признавање на каноничноста на нашата црква. Тоа значи дека од сега сослужувањето со останатите православни цркви, свештенството ќе ги држи како МПЦ, истакна Тимотеј.
Вселенската патријаршија вчера ја призна МПЦ за канонска. Според соопштението по седницата на Светиот синод на Вселенската патријаршија, Цариград го признава името на МПЦ како „Охридска архиепископија“, што значи дека областа на нејзината јурисдикција е само во рамките на територијата на таа држава.
Вселенската патријаршија ја признава црковната хиерархија предводена од архиепископот Стефан како канонска и валидна во сеправославниот свет и со неа воспоставува канонска и литургиска заедница.
Во соопштението се наведува дека Светиот синод, со кој претседава вселенскиот патријарх Вартоломеј, детално разговарал за црковниот проблем во Скопје и ја разгледал жалбата на МПЦ, како и повторените повици од Северна Македонија.