Во јавноста вчера излезе снимка на која се слуша претседателот на законодавниот дом Талат Џафери како разговара со вработени во Собранието.
Тонскиот запис во кој се слушаат навреди , пцовки и закани, кои Џафери наводно ги упатил кон вработените во собраниските служби, од законодавниот дом денеска решија да не гo коментираат.
Премиерот Димитар Ковачевски ја погледнал снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието Талат Џафери, но не може да ја коментира зашто, како што изјави денеска, од неа не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара.
-Таа снима ја погледнав, но се работи за некаков разговор на кој не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара. Затоа, од таа причина не можам да коментирам дали претседателот на Собранието разговара со некого во сала, дали е тој вработен или не е. Навистина не можат да дадам конкретен одговор зашто на снимката не се гледа кој зборува и со кого зборува, кусо одговори Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од претседателот на Собранието Талат Џафери откако вчера во јавноста беше пуштена аудиснимка на која, како што потенцираат од опозициската партија, се слуша неговиот глас и како тој се обраќа кон собраниски службеници.
Портпаролот на партијата Наум Стоилковски на прес-конференцијата повика на оставка на Џафери наведувајќи дека тој веќе е недостоен да го води и да биде член на законодавниот дом.
– Не постои друг чекор по примитивизмот на Талат Џафери освен негова оставка! Талат Џафери, со сиот негов примитивизам во Парламентот, е недостоен да го води и да биде член на законодавниот дом, истакна Стоилковски.
Според него, станува збор за потврдена снимка од Талат Џафери.
– Во прашање ја доведува и неговата деловна способност, но и дали зад вулгарностите постојат зависности на Талат Џафери коишто предизвикуваат апстиненцијални кризи и невозможност за рационално водење на седниците на Собранието? Не постои оправдување за ваков простотилак и прашање е дали сите коалициски партери во крими-власта го поддржуваат и би го оставиле без осуда ваквото примитивно однесување, прашува Стоилковски.