Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски преку Фејсбук го повика Панчо Минов како претседател да свика седница на Комисијата која е надлежна за утврдување на тешки повреди на собранискиот Кодекс за етичко однесување на пратениците, во случајов сторени од претседателот на СобраниетоТалат Џафери.
-Надлежност за утврдување на вакви тешки повреди направени од претседателот на Собранието има Комисијата за деловнички прашања (чл.15), со која претседава пратеникот Панчо Минов, кој во најкус можен рок треба да закаже јавна седница, да го покани и пратеникот Талат Џафери и да му изрече јавна опомена, пишува Милошоски.
Левица бара собраниската Комисија за деловнички прашања да му изрече суспензија на собранискиот претседател Талат Џафери, за кого се појави аудио снимка на која тој пцуе и навредува вработени.
Иако поминаа два дена, велат дека Талат Џафери сѐ уште молчи надевајќи се дека настанот ќе се заборави за некој ден.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ја погледнал снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, но не може да ја коментира зашто, како што изјави денеска, од неа не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара.
-Таа снима ја погледнав, но се работи за некаков разговор на кој не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара. Затоа, од таа причина не можам да коментирам дали претседателот на Собранието разговара со некого во сала, дали е тој вработен или не е. Навистина не можат да дадам конкретен одговор зашто на снимката не се гледа кој зборува и со кого зборува, кусо одговори Ковачевски на новинарско прашање.
На социјалните мрежи се појави аудио снимка каде се слуша како едно лице се обраќа со висок тон и навредливи зборови на некои одредени лица. Се претендира дека лицето кое зборува е парламентарниот спикер Талат Џафери.
-Сите службеници, конкретно од седниците, веднаш кај мене. Освен од седниците,сите што седат таму, сите, до последниот. Вие што земате плата и си играте тука. Ајде бегај, бегај таму, бегај…ќути, да ти….Што бараш овде? Ајде бегај, надвор!, се зборовите кои се слушаа на снимката.