ВМРО-ДПМНЕ го предлага Саво Климовски за уставен судија. Климовски на јавноста е познат по говорите за време на протестите на ВМРО-ДПМНЕ, но и неговите ставови против важните државни процеси во државата.
Тој е противник на Охридскиот рамковен договор, кој според нашиот стратешки партнер САД е договор кој ја води државата напред и кој е основа за мирот во целиот регион. Климовски јавно го критикуваше Охридскиот договор и предупредуваше за евентуални штети кои би претрпела државата од истиот.
Освен Охридскиот рамковен договор на метата на критика на Климовски е и Договорот од Пржино, кој во тоа време значеше излез на државата од политичката криза.
„Охридскиот договор е наметнат од надвор исто како и Договорот од Пржино. Македонија е во состојба на хаос и општа анархија заради наметната состојба од надвор со Договорот од Пржино. Оние кои ги објавиле прислушуваните разговори, тоа го направиле незаконски и треба да бидат уапсени, но за да се смири состојбата и народот, на Македонија и е потребен нов Устав“, изјави свовремено Климовски.
Со предлогот на Климовски за нов уставен судија, се чини ВМРО-ДПМНЕ продолжува со заситување на нивните партиски интереси.