Русија ја прекина испораката на струја во Финска

од Stefanija Kuzmanovska
180 прегледи

Рускиот извоз на струја во Финска е сведен на нула, покажуваат денешните податоци на финскиот енергетски преносен систем оператор „Фингрид“, откако руската компанија „Интер РАО“ минатата недела објави дека ќе го прекине снабдувањето бидејќи Финска не ја платила сметката.

Според „Ројтерс“, „Интер РАО“ во петокот објави дека ќе го прекине извозот на електрична енергија во Финска „до понатамошно известување“ од 01:00 часот по локално време во сабота, бидејќи сметката за електрична енергија продадена на 6 мај преку паневропската берза Nord Pul не е подмирена.

Руското снабдување со електрична енергија за Финска рано во саботата падна од 87 мегавати на нула, според „Фингрид“.

Финскиот мрежен оператор во саботата изјави дека може да ги компензира руските испораки со купување на шведска електрична енергија и зголемување на домашното производство, а дека прекинот на руските испораки се должи на мерките за ограничување на плаќањата наметнати од западните земји.

„Поради овие ограничувања, плаќањата за испорачаната руска струја повеќе не може да се вршат. Затоа, суспензијата е повеќе последица, а не руска контрамерка“, наведува „Фингрид“.

Финскиот оператор, според чии податоци Русија учествува со околу 10 отсто во порамнувањето на вкупната потрошувачка на електрична енергија во Финска, минатиот месец објави дека се подготвува за можноста Русија да го намали снабдувањето со електрична енергија со ограничување на преносниот капацитет за една третина, објави британската агенција.

Слични содржини