Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска денеска потврди дека продолжува притисокот врз Софија за што поскоро почеток на преговорите со Скопје за влез во ЕУ.
„Има притисок и сега продолжува, но нашиот став е јасен – очекуваме Северна Македонија да почне да го спроведува Договорот и да обезбеди вклучување на Бугарите во Уставот на нивната земја“, изјавила таа на бугарските новинари во Брисел.
„Од самиот почеток, целиот процес се заснова на сопствените заслуги на Северна Македонија, на ниту еден начин врзан за датуми“, додаде таа на прашањето дали може да се очекува напредок во јуни.
„Северна Македонија мора да преземе јасни конкретни чекори за да обезбеди дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка ќе почне да се спроведува и ќе продолжи да се спроведува. Очекуваме конкретни активности“, рекла Генчовска.
Според министерката, вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не би било доволно за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ.
„Друга работа е Договорот – тој е меѓународно признат, што значи дека Скопје мора да го почитува владеењето на правото, а тоа е дел од Копенхашките критериуми“, објаснила Генчовска, пренесува бугарски „Дир“.
Според неа, претстојната посета на еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји на Софија оваа недела не создава дополнителен притисок.
„Ќе продолжиме да објаснуваме каков е нашиот став, што очекуваме од преговарачкиот процес и какви гаранции сакаме да бидат вклучени во преговарачката рамка“, појаснила Генчовска.
Таа додала дека официјалниот став на Бугарија е еден.
„Има претставници на кабинетот и различни институции кои, се надевам, веќе разбраа дека Бугарија не може да има две надворешни политики. Ако има некаков напредок за тоа како ќе се развиваат нашите односи со Северна Македонија во иднина, сето тоа ќе помине низ одлука на Националното собрание“, порачала министерката.