Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски вчера телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и ја поздрави иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на Алијансата, соопшти Владата.
Според соопштението, како израз на силна поддршка за политиката на отворени врати, Ковачевски во разговорот со Столтенберг посочил дека Северна Македонија, најновата членка на НАТО, ќе го забрза процесот за одобрување на членството на Шведска и Финска во Алијансата.
За време на разговорот, премиерот Ковачевски го истакнал „единството и решителниот одговор на Алијансата на неиспровоцираната војна во Украина и едногласноста за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на меѓународно признатите граници“.
Според Ковачевски, Северна Македонија дава максимален придонес за одговорот и политиката на НАТО по ова прашање и останува посветена да и помогне на Украина во координираните активности со Алијансата, како и во прифаќањето на бегалците од таа земја.
„Во разговорот со Ковачевски, Столтенберг ја поздрави поддршката на Северна Македонија за итниот прием на Шведска и Финска во НАТО и го истакна успехот на воената вежба Брз одговор 22, со која се потврди нашата земја како вреден партнер на Алијансата“, се вели во соопштението на Владата.