Митреска: Се очекува стабилизирање на глобалните цени на храната и енергентите

од Vladimir Zorba
203 прегледи

Шокот што го предизвика војната во Украина врз цените на примарните производи на светските берзи придонесе за поголема нагорна корекција на стапката на инфлацијата и кај нас. Aко очекувавме раст на цените на нафтата од 4% во октомври, сега очекувањата за оваа година се околу 50%, кај храната се очекуваше главно стагнација, а сега двоцифрен раст, посочува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Утрински брифинг”.

Вицегувернерката, сепак, истакнува дека по глобалниот раст, меѓународните институции очекуваат стабилизирање на цените на енергентите и на храната, односно на увезената инфлација, а најверојатно надолен притисок врз цените ќе предизвика и промената во однесувањето на потрошувачите. Согласно со овие очекувања, се предвидува стабилизирање на инфлацијата на околу 3% следната година.

Во однос на покачувањето на проекцијата за стапката на инфлација за годинава во априлските проекции на Народната банка, вицегувернерката истакна дека ова е глобален тренд, како и дека истите заеднички фактори влијаат врз циклусот на инфлација кај сите земји.

„Речиси и нема земја во којашто нема раст на инфлацијата. Десет проценти во просек е инфлацијата во регионот за март, околу 11% во април, а има земји коишто се значително над просекот. Има заеднички фактори коишто влијаат врз циклусот на инфлацијата во сите земји во светот, особено во Европа. Минатата година тоа беа ефектите од пандемијата, забавените синџири на снабдување, растот на трошоците за транспорт, нарушените синџири, поточно несовпаѓањето на понудата и побарувачката. На ова се надоврза растот на цените на енергентите, особено на струјата, кон крајот на минатата година, како резултат на агендата за зелена транзиција, а потоа овие проблеми се продлабочија уште повеќе со руско-украинскиот конфликт, што неминовно доведе до подигнување нa ценовното ниво кај сите овие производи. Ова се глобални заеднички фактори, коишто влијаат врз инфлацијата”, вели вицегувернерката Митреска.

Вицегувернерката истакнува дека ако се анализира нашата просечна инфлација во април од 8,4%, половината е резултат на растот на цените на храната.

„Домашните цени на храната се врзани во голема мера со увозните цени и директно преку готовите производи, но и преку растот на цените на трошоците за суровини, енергенти. Домашните производни цени на храната, исто така, растат под влијание на глобалните фактори, растот на цените на суровините и на енергентите. Дваесетина проценти од растот се должи на енергентите и таму речиси во целост имаме увезена компонента. Базичната инфлација исто така забрза, меѓутоа ако ја погледнете нејзината структура, голем дел од тоа забрзување е резултат на увезени притисоци. Растат цените на суровините, растат цените на храната, на енергентите и се пренесуваат врз останатите цени. Општо земено, најголемиот дел од ова што се случува со инфлацијата кај нас се увезени движења. Ние во централната банка се разбира не ги темелиме овие заклучоци само врз следење на движењата. Има навистина ригорозна аналитика, којашто ги потврдува овие фактори и извори на раст на инфлацијата, констатирајќи дека притисокот од домашната побарувачка засега е мал”, посочи вицегувернерката Митреска.

Слични содржини