Бајден се сретна со лидерите на Финска и Шведска: „Ова е пресвртница во европската безбедност“

од Nikola Popovski
206 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот се состана со лидерите на Шведска и Финска, откако двете земји се откажаа од долгогодишната неутралност и поднесоа барање за влез во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина.

Неколку часа пред неговото прво претседателско патување во Азија, Бајден се состана со шведската премиерка Магдалена Андерсон и со финскиот претседател Саули Ниинисто во Белата куќа за да разговараат за нивните барања за членство во НАТО.

„Ова е историски настан, пресвртница во европската безбедност. Две нации со долга традиција на неутралност ќе се приклучат на најмоќниот одбранбен сојуз во светот“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.

Турција изрази сомневање за влезот на Финска и Шведска во алијансата, барајќи од Шведска да престане да ги поддржува курдските милитанти кои Турција ги смета за дел од терористичка група и двете земји да ја укинат забраната за продажба на одредено оружје на Турција.

Саливан им рече на новинарите во средата дека американските власти се убедени дека можат да ја решат загриженоста на Турција, а Бајден им рече на новинарите „мислам дека се ќе биде во ред“ по ова прашање.

Сите 30 земји-членки на НАТО мора да одобрат влез на нови членки. Турскиот претседател Таип Ердоган во видеото објавено на Твитер во четвртокот рече дека Турција им кажала на сојузниците дека ќе го отфрли шведското и финското членство.

Слични содржини