Повеќе од 100 случаи на мајмунски сипаници се веќе регистрирани во Европа. Болеста почна да се шири во западна и централна Африка, а потоа и во европските земји, како и во САД и Австралија од почетокот на мај. Епидемиолозите повикуваат на внимателност, појаснувајќи сепак дека оваа болест не е лесно пренослива како ковидот.
Др. Сашо Олумчев за „Локално“ вели дека мајмунската сипаница кај луѓето доведува до иритации, појава на пликови на кожата кои се слични на нормалната сипаница (сипаници или вариола).
-Инкубацијата е некаде околу две недели и се појавуваат општи симптоми. Тие претставуваат проблем бидејќи е време на корона, време на грипови и респираторни инфекции со температура болки во зглобови, нелагодност кои може да дадат лажна клиничка слика која тешко може да се препознае. Меѓутоа доколку се помисли на оваа сипаница бидејќи е актуелна во моментов и се направат сереолошки проби веднаш може да биде дијагностицирана болеста, појаснува др. Олумчев во разговор за „Локално“.
Мајмунските сипаници не се нешто ново, вели епидемиологот, додавајќи дека таа постои уште од 1958 година и за прв пат се има појавено во Африка во Демократска Република Конго (ДРК) каде уште постои како ендемска болест.
-Инфекцијата се има појавено кај мајмуните, а ја пренесуваат глодарите и спаѓа во групата на зоонози болести.Најчесто пренесувањето на оваа болест од животно на човек е кога во Африка се конзумира мајмунско месо кое го има во рестораните, или преку гризнување на глодар кој е веќе заразен од мајмун. Инкубацијата најмногу е до три недели потоа се јавува осип по кожата, која може лесно да биде помешана со варичелата која сега е актуелна кај дечињата бидејќи дава сличен осип по телото, но штом веќе ја имаме на ум мајмунската сипаница треба на неа да помислиме, подвлекува докторот.
Појасни дека пликовите на кожата траат една до две недели и потоа се сушат, напоменувајќи дека доколку се чешаат можат да остават белези и за тоа треба да се мачкаат со течна пудра и креми.
-Самата болест трае од 2 до 4 недели не дава некоја страшна симптомологија сепак треба да се внимава, посебно возрасните лица бидејќи кај нив оди смртноста од 1 до 10 посто што не е занемарлив податок. Битно е секогаш кога ќе се појават пликови да се размисли дека можеби се случува нешто во тој дел и да се јави навремено на лекар особено ако го има анамнестичкиот податок, вели епидемиологот.
Олумчев посочува дека болеста може да се пренесе преку воздух меѓутоа „тоа е малку потешко“, а најчесто оди преку размена на телесни течности, преку крв, не исклучувајќи ја можноста таа да се пренесе и преку кашлање.
-Брзото ширење е поради ефтините карти, луѓето во овој период шетаат . Доколку се дијагностицира на време не би требало да има проблеми бидејќи не е ништо ново како ковидот кој мутираше, не се работи за таков вирус. Треба да се внимаваа лицата да ги следат симптомите бидејќи ова не е како ковидот да има брз пренос на вирусот и да има голема бројка на заболени. Симптомите се како на настинка.Оние кои се вакцинирани против варичела или голема сипаница имаат некаква заштита. Во овој случај децата се повеќе заштитени од возрасните бидејќи имаат посвеж имунитет од вакцината, вели Олумчев додавајќи дека кај возрасните лица оваа болест најчесто се појавува нетипично и треба веднаш да се посети лекар.
Потврдени случаи на мајмунска сипаница во 11 земји
Околу 80 случаи на мајмунски сипаници се потврдени во 11 земји, соопшти Светската здравствена организација, предупредува дека најверојатно ќе бидат пријавени уште случаи, додавајќи дека се истражуваат уште 50 сомнителни случаи, без да се прецизира во кои земји се сомнителни случаите.
Претходните инфекции се потврдени во Италија, Шведска, Шпанија, Португалија, САД, Канада и Обединетото Кралство. Мајмунските сипаници најчесто се јавуваат во оддалечените делови на централна и западна Африка.
Станува збор за ретка вирусна инфекција која обично е блага и од која повеќето луѓе се опоравуваат за неколку недели. Вирусот не се шири лесно меѓу луѓето и се вели дека ризикот за пошироката јавност е многу мал.
Не постои специфична вакцина за мајмунски сипаници, но вакцината против сипаници нуди 85 проценти заштита бидејќи двата вируса се доста слични.
Регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге предупреди на забрзување на ширењето на вирусот додека влегуваме во летната сезона со масовни собири, фестивали и забави.
Б.М.