Зеленски во Давос: Ова е моментот кога се одлучува дали брутална сила ќе владее со светот

од Vladimir Zorba
248 прегледи

Украина се спротивстави на нападите подолго од очекуваното, но не би била принудена да ја преживува оваа војна, со толку многу жртви, да беа воведени санкции кон Русија уште минатата есен, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски, обраќајќи се на видео врска до лидерите на Светскиот економски форум, кој се одржува во Давос .

Да имаше целосно единство кога Русија го анектираше Крим во 2014 година, немаше да има инвазија овој февруари, посочи тој, пренесе Гардијан.

Основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, го претстави Зеленски, кој беше пречекан со аплауз кога се приклучи преку видео врска, велејќи дека сите биле сведоци на неговото храбро лидерство и дека тој, како и сите присутни, сака да слушне како можат да и помогнат на Украина.

Зеленски рече дека му претставува голема чест што учествува на овогодинешниот Форум во Давос, чија тема е „Историјата на пресвртница“.

„Оваа година зборот „пресвртница“ е повеќе од реторички – ова е моментот кога се одлучува дали брутална сила ќе владее со светот“, рече Зеленски.

Како што нагласи, ако тоа се случи, тогаш собири како овој во Давос веќе ќе немаат смисла.

Зеленски повика на „максимални санкции“ против Русија, за да може таа и која било друга земја да бидат спречени доколку сакаат да извршат брутална инвазија против своите соседи.

Тој тврди дека такви санкции во моментов не постојат и бара на Русија да и се воведе целосно ембарго на нафтата, да им се забрани на сите руски банки да бидат дел од глобалните системи без исклучоци, да се изолира рускиот ИТ сектор и да се запре секаква трговија со Русија.

Зеленски ги повика сите лидери присутни во Давос кои се уште не ја „напуштиле“ Русија да го сторат тоа.

„Секоја компанија што ќе ја напушти Русија е добредојдена да се пресели на украинскиот пазар, каде што ќе ужива навистина голема поддршка и слобода“, рече Зеленски.

Слични содржини