Ковачевски: Епохалното дело на Св. Кирил и Методиј им овозможи на словенските народи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена

од Vladimir Zorba
198 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со делегацијата која ја предводи, во Рим во базиликата Сан Клементе, пред гробот на Свети Кирил, оддадоа почит по повод празникот – Денот на сесловенските просветители.

„Подвигот на светите браќа Кирил и Методиј и нивниот ученик Свети Климент ја задолжи тогашната сесловенска христијанска цивилизација. Нивната мисија, Библијата да биде достапна и на сите јазици на сите Словени и тогаш и денес има наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.

Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, Светите Кирил и Методиј и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата Охридска школа.

Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена. Во тој дух, ние денес оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест. Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа“, вели Ковачевски.