„The Ellen DeGeneres Show“ кое ги забавуваше Американците, кршеше стереотипи и беше домаќин на најголемите ѕвезди, завршува во сенка на обвинувањата по речиси две децении, 19 сезони и повеќе од 3.000 епизоди.
Најголемите холивудски ѕвезди често гостуваа во нејзиното ток-шоу, кое се здоби со популарност во поконзервативните делови на Америка. Нејзина прва гостинка беше актерката Џенифер Анистон, која исто така ќе се појави и во завршницата.
По нејзиниот успех како комичар во 1980-тите, Деџенерис се прослави со серијата „Елен“ (1994-1998), во која во 1997 година стана првиот главен лик на ТВ серија што ја призна својата хомосексуална ориентација, а популарното ток-шоу започна да го води во 2003 година.
„Таа го отвори патот. Таа веројатно беше, а можеби и сè уште е, најпознатата LGBTQ личност во Америка“, изјави за AFP Мери Марфи, вонреден професор по новинарство на Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Таа го водеше ток-шоуто 19 години.
„Кога го започнавме шоуто во 2003 година, социјалните мрежи не постоеја. Истополовите бракови не беа легални“, изјави Деџенерис минатиот месец по снимањето на последната епизода од емисијата, која ќе се емитува денес.
„Гледавме како се менува светот – понекогаш на подобро, понекогаш не“, додаде таа.
Водителката и комичарка објасни дека ток-шоуто е откажано бидејќи повеќе не ѝ е предизвик, но многумина сметаат дека вистинската причина се обвинувањата за „токсична работна атмосфера“ на сетот, вклучувајќи сексуално вознемирување, малтретирање и расизам.
Во јули, главните продуценти на емисијата изјавија дека средината во која се снима шоуто е „лоша“. Елен Деџенерис не беше директно обвинета, но беше прекорена што дозволила да се создаде таква средина во нејзиниот тим.