Криминалниот случај со препродажба на парцели во Делчевско за кои целата јавност беше информирана пред локалните избори конечно добива епилог. Кривични пријави се поднесени против седум лица, меѓу кои и функционери на ВМРО-ДПМНЕ и блиски соработници на Христијан Мицкоски, потврдуваат од СДСМ.
Владеачката партија посочува дека сите овие лица се под сомнение дека со однапред договорена зделка противправно се стекнале со 1,5 милиони евра.
-Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски и Белиот дворец. Апелираме до надлежните институции докрај да се расчисти овој криминал,а одговорните да бидат соодветно санкционирани, побараа од СДСМ.

Во случајот осомничени се двајца управители на „ЕВН Електрани Македонија“. Според истрагата, парцелите биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен, а сопствениците на земјиштето само три недели претходно го купиле по цена од 15 до 20 денари за метар квадратен.
„Со тоа тие го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН Македонија да донесе Одлука за склучување на договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи, врз основа на која одлука се склучени договори со останатите четворица пријавени. Така управителите овозможиле на сметките на дел од пријавените од ЕВН да се исплатат вкупно 99.431.060 денари за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува 2.146.723 денари“, соопштија од Управата за финансиска полиција.