Морачанин: Интерпелацијата за Џафери и блокадата на Собранието е тактиката на опозицијата за предвремени избори

од Берта Китинска
415 прегледи

Сите ние како пратеници треба доследно да го почитуваме Етичкиот кодекс и да придонесеме за повисоко ниво на политичка култура. Сметам дека вокабуларот на претседателот на Собранието во конкретниот случај со службениците е некоректен, вели во изјава за „Локално“, лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во врска со интерпелацијата која опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја достави во Собранието за собранискиот спикер Талат Џафери.

Таа потенцира дека етичкиот кодекс на Собранието кој е усвоен уште во 2018 година, често се прекршува пособено од страна на некои опозициски пратеници, во делот на членот 6: Заемно почитување и почитување на личниот интегритет на другите.

-Се дофрлува од место, се нарушува текот на седницата, се користат навредливи изрази и гестикулации. Мојот став е дека сите ние како пратеници треба доследно да го почитуваме Етичкиот кодекс и да придонесеме за повисоко ниво на политичка култура. Сметам дека вокабуларот на претседателот на Собранието во конкретниот случај со службениците е некоректен. Но, и опозициските пратеници кои наеднаш станаа многу загрижени за почитувањето на Кодексот, треба да ги напуштат двојните стандарди за етичките норми и самите да се придржуваат до етичките правила, појаснува Морачанин.

Пратеничката нагласува дека интерпелацијата за спикерот на Собранието Талат Џафери како и активната блокада е со цел да се предизвикаат предвремени парламентарни избори.

-Интерпелацијата за претседателот на Собранието, сметам дека тоа е дел од тактиката на опозицијата за т.н. активна блокада на Собранието, со цел предвремени парламентарни избори и ДОМ нема да ја поддржи.Нашиот став е дека одржување предвремени избори, особено сега, во услови на светска енергетска и економска криза и војна во Европа, не е во интерес на граѓаните. Тие бараат одговорно и конструктивно однесување на сите политички чинители, со цел ефикасно решавање на нивните проблеми, подвлекува Морачанин.

Б.М.

Слични содржини