Спикерот на Законодавниот дом Талат Џафери, денеска ја добил интерпелацијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по која тој ќе постапи согласно роковите и процедурите предвидени со Деловникот на Собранието, соопшти неговиот кабинет.
-Според Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија (член 45 став 3), интерпелацијата се поднесува до претседателот на Собранието, кој веднаш ја доставува до оној на кого му е упатена и до пратениците. Субјектот на кого му е поставена интерпелацијата има право да достави писмен одговор на поставената интерпелација до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата. (член 46) Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во членот 46 на овој Деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. (Член 47) Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери.
Интерпелацијата треба да биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера информираше поднесе интерпелација за собранискиот спикер по „драмата“ во Собранието, кога претседателот на законодавниот дом по пријавувањето за збор ги заклучи вратите од собраниската сала.