Вистинските кандидати на вистински позиции: „Администрацијата треба да брои онолку вработени колку и се потребни“

од Берта Китинска
413 прегледи

Секој избор согласно мерит системот, без оглед во која сфера или во која држава се случува, е чин за поздравување, коментираат од Центар за управување со промени во врска со предлогот на словенечки премиер Роберт Голоб кој реши своите соработници да ги избере по посебен метод, односно сите кандидати да го положат тестот на Галуп, кој предвидува анализа на вредностите, кој ги поттикнува позитивните аспекти на поединецот и избегнува потенцијални конфликти во групата.

-И кај нас, согласно одредбите од Законот за вработени во јавен сектор (ЗВЈС), раководителите на институциите на централно ниво можат да го изберат својот тим согласно мерит системот. Имено, премиерот, како и министрите имаат право да го формираат својот тим, во кој тим можат да ангажираат кабинетски службеници (административни службеници привремено да работат во кабинетите) и посебни советници. И едните, и другите работат во кабинетот се до завршувањето на мандатот на функционерот, со таа разлика што кабинетските службеници по завршувањето на мандатот на министерот се враќаат на своите претходни работни места во институциите каде работеле, додека на посебните советници, кои не се административни службеници, туку вработени на определено време по пат на јавен конкурс, договорот за вработување им завршува со престанокот на мандатот на функционерот и си заминуваат со него, посочуваат од ЦУП во разговор за „Локално“.

Оттаму велат дека деполитизација на администрацијата подразбира не само селекција и вработување на службениците согласно мерит системот туку и деполитизација на високите раководни позиции во администрацијата, како директорите, заменик директорите и државните секретари во институциите.

-Тие исто така, треба да подлежат на принципот на селекција и избор согласно заслуги и мерит систем. Ова всушност го предвидува и Законот за висока раководна служба, кој веќе подолго време е предмет на дискусија, но се уште не е донесен. Донесувањето на овој закон би требало да донесе квалитативна промена во начинот на избор на кандидати за високите раководни позиции во администрација, посочуваат од ЦУП.

Вистинските кандидати на вистински позиции

Од Центаро за промени појаснуваат дека постапката за вработување на административни службеници е многу јасна и е утврдена во Законот за административни службеници (ЗАС) и подзаконските акти кои произлегуваат од него.

-Постапката опфаќа 3 фази: административна селекција, испит за административен службеници и проверка на веродостојност на доказите и интервју. Во текот на овие 3 фази се проценува дали кандидатот за административен службеник ги исполнува општите и посебните услови за работата, односно ги поседува општите и посебните работни компетенции за извршување на задачите на конкретното работно место кои се утврдени во актот за систематизација на работните места на институцијата, објаснуваат од ЦУП.

Оттаму се децидни дека вработувањата и напредувањето во администрацијата треба да се подобри преку креирање на критериуми.

-Целта на мерит системот е вистинските кандидати да дојдат на вистински позиции, односно принцип на селекција заснован на заслуги каде најдобриот кандидат треба да добие вработување на објавената работна позиција. Она што би можело да се подобри во иднина е креирање на критериуми врз основа на кои ќе се спроведуваат унапредувањата во администрацијата. Постоечкиот систем ги утврдува условите кои административниот службеник треба да ги исполнува за да биде унапреден во повисоко ниво, но сепак, не утврдува критериуми врз основа на кои одредени работни места ќе бидат објавени на интерен оглас за пополнување по пат на унапредување на административните службеници, обајснуваат оттаму.

Администрацијата треба да брои онолку вработени колку навистина се потребни

Во врска со дигитализација на институциите од ЦУП појаснуваат дека таа е неминовен процес и дека донесува огромни олеснувања во испораката на услугите на државата кон граѓаните.

-Но, и процесот на дигитализација и обезбедување на дигитални услуги за граѓаните подразбира способна и ефикасна администрација која ќе го владее и поддржува тој процес, иако можеби нема да има директен контакт со граѓаните. Она што е важно, е администрацијата да биде ефикасна и продуктивна, односно да брои онолку вработени колку навистина се потребни, подвелкуваат од Центар за управување со промени.

Нов закон во правниот систем

Законот за висока раководна служба е сосема нов закон во правниот систем во нашата држава и треба да овозможи деполитизација на администрацијата од врвот на пирамидата. Текстот на законот, според планот, во наредните две недели би требало да биде објавен на ЕНЕР, да добиеме коментари, а ќе организираме и јавни дискусии, најави министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.

Алити појасни дека во овој нов предлог – закон, комисијата за висока раководна служба е утврдена како самостоен државен орган со својство на правно лице и со сопствен буџет и одговара пред Владата

– Во овој нов предлог – закон, комисијата за висока раководна служба е утврдена како самостоен државен орган со својство на правно лице и со сопствен буџет и одговара пред Владата. Законот се одесува на секретарите во министерствата, директорите во органите на државната управа, директорите на директоратите и директорите на јавните претпријатија основани од Владата. Имплементацијата ќе оди паралелно ќе оди со процесот на реорганизацијата. Најпрво ќе се применува во МИОА, во Министерството за економија и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостоанство, рече Алити.

Б.М.

Слични содржини