Мицкоски од Ротердам: Европските лидери да помогнат да ги почнеме преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski
253 прегледи

Ова се тешки времиња за нашиот континент, како и за нашиот глобален систем на демократски вредности. Сепак, тешките времиња обично го покажуваат најдоброто кај луѓето, и се надевам дека носителите на политички одлуки ќе разберат дека тешките избори сега, ќе го постават нашиот пат на вистинската траекторија. Ова го зборувам особено во контекст на она со што се соочуваме во Украина и како тоа влијае на Западниот Балкан. Македонците во моментов се соочуваат не со физичка агресија, туку со политичка агресија. Во овој момент има обиди на земја членка на Европската унија да го негира правото на македонски јазик, и да се меша во македонскиот идентитет. Овој тип на однесување е сè освен европски. За жал, нашиот процес на интеграција во ЕУ е со фокус на минатото, наместо на иднината. Ова не е Европа во која јас верувам, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конгресот на ЕПП во Ротердам.

Според него, Македонија е постојано посветена на европскиот пат.

-Многупати во минатото нашата влада не даваше резултати за клучните прашања, особено ако се има предвид владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сепак, пред се, нашите граѓани заслужуваат отворање на пристапните преговори. Јас лично ве уверувам дека штом ќе почнат преговорите, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе стави посебен фокус на изградбата на одржливи демократски институции кои одговараат на највисоките европски стандарди, рече Мицкоски.

Тој апелира до присутните лидери да го искористат своето влијание за да помогнат да се даде стабилност и кредибилитет на европската перспектива на Западниот Балкан.

-Тоа не може да се постигне без Македонија да ги отвори пристапните преговори што е можно поскоро. Во 21 век, управувањето со држава, подразбира носење тешки одлуки, истакнал Мицкоски во обраќањето.