Министерот за правда Никола Тупанчески во гостувањето во 24 анализа вети дека ќе стори се за да се врати довербата во судството.
,,Нема да биде лесно и веднаш, но не е невозможно да се зголеми довербата.Ако не верував во судството, немаше да бидам министер за правда“, рече Тупанчески.
Во однос на имплементацијата на законите, Тупанчески укажа на фактот дека нашата држава пати од т.н хипер-продукција на закони.
,,Се реафирмира или реактивира повторно противправното стекнување на имот, тоа не е само прекршок, постои кривично дело. Значи ние имаме инкриминација, а ако одиме наназад ретроспективно, практично графата за оваа инкриминација е празна. Значи, имаме алатка која не сме ја искористиле досега. Втората алатка е Законот за персонален данок на доход, членот 94 со три одредби каде што се дава правна можност, лицето доколку не може да докаже од каде му е имотот, движен, недвижен итн тогаш постои можност за да се оданочи 70 % она што не може да го докаже, дека е резултат на неговите приходи“, потенцираше Тупанчески.
Проширената конфискација според министерот за правда претставува модерна алатка без пресуда некому да му го одземете имотот.Фактот дека ниту еднаш не е изречена проширената конфискација или еднаш и тоа ние во кривичното право го нарекуваме неподобен обид, значи говори дека инструментите што во моментов ги имаме на располагање не сме ги искористиле воопшто или многу малку.
Тупанчески верува дека доаѓаат подобри времиња за развој на правосудниот и обвинителскиот систем.
,,Не само избраните и именувани функционери, туку напротив сметам дека сите граѓани треба да бидат под лупата на тоа на кој начин стигнале до одредени приходи кои понекогаш можат да бидат и неоданочени“,рече Тупанчески во вечерашната дебатна емисија 24 анализа.