Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Роберто Манчини вети промени по тешките неколку месеци за тимот, кој загуби со 0-3 од Аргентина во средата вечерта на стадионот „Вембли“ за трофејот „Финалисима“. Натпреварот меѓу шампионите на Европа и Јужна Америка беше обновен за прв пат од 1993 година.
Лаутаро Мартинез, Анхел Ди Марија и Пауло Дибала ги постигнаа головите за Аргентина, а Лионел Меси запиша две асистенции. Ова беше втор натпревар за Италија по елиминацијата во квалификациите за Светското првенство 2022.
Манчини рече дека промените се неизбежни, но им оддаде почит на играчите кои одиграа клучни улоги во тимот во изминатите четири години.
„Во првото полувреме направивме две грешки при нивните голови. Тие беа подобри во контролирањето на топката. Аргентина покажа подобри квалитети на натпреварот“, изјави Роберто Манчини за Sky Italia. „Противникот беше подобар од нас, но морам да им се заблагодарам на момците кои беа дел од нашиот тим во последните четири години. Жал ни е што не успеавме да се пласираме на Светското првенство во Катар. По овој натпревар веќе планираме да промениме неколку работи и тоа ќе го направиме. Треба да ги најдеме вистинските играчи, да собереме тим кој на почетокот ќе страда, но во иднина ќе може да ни донесе радост“, изјави Манчини.
„Моментално ни е тешко да реализираме и мора да работиме напорно, бидејќи нема да ни биде лесно. Овој проблем не мачи по Европското првенство и мораме да најдеме решение. Оптимист сум, сакам да работам со момчињата и да тренирам. Загубивме од Аргентина, но мора да се погрижиме младите играчи брзо да научат“, додаде италијанскиот селектор.
Тимот предводен од Роберто Манчини вниманието ќе го насочи кон турнирот во Лигата на нациите, каде за првпат викендов и на 14 јуни ќе има натпревари со Германија, како и со Унгарија и Англија.