Вилнев: Времето на Рикардо во Мекларен заврши

од Vladimir Zorba
246 прегледи

Според светскиот шампион во Формула 1 од 1997 година Жак Вилнев, останувањето на Даниел Рикардо во тимот на Мекларен нема да продолжи по завршувањето на тековната кампања, иако тој има договор за следната година.

Австралиецот дојде во тимот од Вокинг на почетокот на минатата сезона, но и покрај победата во Италија не успеа да ги исполни очекувањата кои ги имаше од него. Рикардо е постојано побавен од неговиот тимски колега Ландо Норис, кој пак често е најбрзиот возач надвор од таборите на Ферари, Ред Бул и Мерцедес.

Токму поради оваа голема разлика меѓу двајцата се појавија сериозни сомнежи дека Рикардо ќе може да остане во Мекларен до крајот на договорот. Дополнително го поттикна коментарот на извршниот директор на британскиот тим, Зек Браун од неделата пред Големата награда на Монако, кога Американецот изрази силно незадоволство од работата на својот пилот.

„Времето на Даниел Рикардо во Мекларен заврши. Браун веќе почна да зборува за клаузули во неговиот договор, што значи дека одлуката е донесена. Ова е начин да се напрега пилотот и да се подготват медиумите“, напиша Вилнев во Formule1.nl.

„На крајот на краиштата, ова е високо платен пилот кој ги чини многу пари. Сепак, тој не носи поени и нема брзина да му помогне на тимот да го развие болидот. Тоа само ги чини пари. Ќе им биде поефтино да му платат плата, тој да седи дома на каучот и да вози друг пилот. Тоа е тешка реалност, но тоа е Формула 1“, додаде тој.

Самиот Рикардо во текот на викендот за Монако изјави дека не се чувствува загрижен за својата иднина во тимот од Вокинг, но потоа следеше неговиот разочарувачки настап во Кнежевството. Таму, тој заврши 14-ти во квалификациите и 13-ти во трката по сериозна несреќа на вториот тренинг во петокот.

Слични содржини