Нова провокација од првиот човек на клубот Славија Софија, Венцислав Стефанов по завршувањето на натпреварот меѓу Македонија и Бугарија во рамките на Лигата на нации. Тој не може да се помири со нерешениот резултат.
Според него, судијата Џереми Пињар „ги оштетил бугарските фудбалери“.
„На моменти репрезентацијата на Северна Македонија беше поагресивна, со поголем ентузијазам, но доколку се досудеа два прекршоци, резултатот ќе беше во корист на Бугарија. Реално немаше сериозни опасности по нашиот гол. Судијата дефинитивно им помогна. Пеналот на крајот беше чист како солза“, изјавил Стефанов за бугарските медиуми.
„Моето потекло е од Битола, но не сум Македонец, јас сум Бугарин! Нека знаат тие кои се прават големи патриоти, Македонија е Југозападна Бугарија. Ја кажувам вистината. Знам каде бил главниот град на цар Самуил. Како што кажав, потеклото ми е од Битола, но не стапнувам таму! Пред неколку години отидов да се видам со моето семејство, ме запреа и проверуваа дали сум шпион. Можете ли да замислите за какво лудило зборуваме“, рекол Стефанов.
Претседателот на Славија, пред натпреварот ја нарече Македонија „измислена држава“.