ЕСМ до Мицкоски: Наместо да шири паника, нека ги советува градоначалниците да заштедат струја

од Nikola Popovski
255 прегледи

Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го осудува неодговорното однесување на лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој според нив, очигледно е опседнат со ЕСМ и со енергетиката и покрај тоа што нема никаква основа.

„Мицкоски како советник во Владата на Никола Груевски ја зголеми цената на струја за 100 отсто. Мицкоски како директор на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ купуваше струја за над 200 евра од мегаватчас во моменти кога цената на берза изнесуваше 50 евра за мегаватчас. Мицкоски како директор на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ дозволи 10 години да не биде направен ремонт на трите блока на РЕК Битола. Мицкоски не исплаќаше К-15 на вработените во АД ЕСМ. Мицкоски ниту еднаш не ги покачи платите во ЕСМ. Зошто тогаш Мицкоски смета дека има легитимитет воопшто да зборува за енергетиката?“, прашуваат од ЕСМ.

Од таму бараат наместо да шири паника меѓу граѓаните, Христијан Мицкоски да ги советува градоначалниците како да ги намалат трошоците за струја, без да се поигруваат со системот.

-АД ЕСМ ја надмина енергетската криза со која се соочи државата без ниту еден ден рестрикција на струја и без запирање на испораката, вложувајќи ги сите сили и со голема поддршка од Владата. АД ЕСМ изминатите пет години е заштитник на цената на струјата за граѓаните. И ќе биде се додека на чело на компанијата е овој менаџерски тим, стои во соопштението на ЕСМ.

Мицкоски денеска обвини дека власта крадела, па затоа ќе има поскапување на струјата.

-Требаше да ги подготват ископите во рудниците за да има откриен доволно јаглен пет години однапред. Или пак потенцијал за да се открие јаглен пет години однапред. Требаше да продолжат со модернизацијата, требаше да направат ремонт на производните постројки. И така подготвени тие производни постројки ќе произведуваа еве не мора како што сме правеле некогаш 6 ипол или 6.600, 6.700 терават часови електрична енергија. Еве 5 нека произведуваат. Тоа е за 80% повеќе од тоа што го произведува ЕСМ сега или поранешно ЕЛЕМ, а тоа е некаде околу 3 терават на час, изјави Мицкоски.

Слични содржини