Во Собранието започнаа дебатите за избор на уставни судии. Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска со месеци упатува апел до Законодавниот дом дека состојбата во судот е сериозна, откако тој работи со четири судии помалку отколку што е предвидено со Уставот.
И за професорката по Граѓанско право на Правниот факултет во Скопје, Родна Живковска, која е една од предложените во изборот за нови судии, состојбата во Уставниот суд е „ноторна“ и „загрижувачка“.
-Недостасуваат 4 уставни судии за да се комплетира Судот и притоа поквалитетно да работи. Со новите промени не може веднаш да се врати авторитетот на Уставниот суд каков што беше во времето на моите професори како уставни судии (А. Групче, Т. Џунов, Г. Старова и други). Доколку приливот на новите уставни судии се базира на стручност и независност, со избрани судии препознатливи во својата фела, кои дале значаен долгогодишен општествен придонес за развој на правната наука и пракса (и доколку не постојат притисоци од извршната власт), ќе започне и постепено да се враќа авторитетот на Уставниот суд, вели во разговор за „Локално“, проф. Живковска.
Во врска со „партиското бележење“, со оглед на тоа дека таа е предлог на опозицијата, професорката децидно вели дека не е загрижена дека ќе биде „партиски обоена“, затоа што друг начин за номинација за овој тип на судии нема.
-Во нашата држава многу лесно ги „обојуваат граѓаните“, поточно ако не се согласуваш со „едните“, се смета дека си „против нив“. За жал, номинирањето на уставни судии правото кај нас го дава на Собраниската комисија за избори и именувања која номинира по предлог на партиите, на Судскиот совет и на Претседателот на државата, кој своевремено бил истакнат член на одредена политичка партија. Според ваквата нормираност, не сум загрижена дали ќе бидам „обоена“, затоа што четврти начин за да бидам номинирана нема, подвледкува таа.
Живковска појаснува дека за номинацијата се согласила од причина што смета дека Уставниот суд треба да го врати приматот кој му припаѓа по самиот Устав и да биде институција која ќе претставува авторитет .
– Како професор по граѓанско право (од 1997 како доцент до сега) едуцирав многу генерации на правници кои денес вршат различни правни професии (судии, адвокати, обвинители, нотари, извршители). Со номинацијата се согласив од причина што сметам дека Уставниот суд треба да си го врати приматот кој му припаѓа по самиот Устав, а тоа е да биде институција која ќе претставува авторитет самата по себе и цврст столб на македонскиот правен систем. Дополнително познавајќи го специјалното граѓанско законодавство на Македонија, кое е нехармонизирано со генералното граѓанско законодавство (Законот за сопственост, Законот за облигационите односи и Законот за наследувањето), а со тоа и спротивно на македонскиот Устав, ми дава дополнителен мотив доколку бидам избрана за уставен судија да дадам свој значаен придонес во надминувањето на оваа состојба, појаснува таа.
Комисиската расправа „запна“ кај биографијата на проф.Живковска
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието дискутираа за биографијата на професорката Живковска, за која сметаат дека заслужува да биде уставен судија, бидејќи целиот свој живот го има посветено на правото.
На расправата не присуствуваа мнозинството пратеници од власта, а тоа го осудија дел од пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека за вака важно прашање не би требало да дебатираат во празна сала.
Според нив проф. Родна Живковска е истакнат правник чие искуство се убедени дека ќе биде од полза за унапредување на имиџот на Уставниот суд. Според пратеничката Ели Панова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изборот на кандидатите за уставни судии предложени од страна на пратениците од СДСМ нема да ја подобри работата на Уставниот суд.
Пратеникот Диме Велков од СДСМ нагласи дека никогаш нема да навредува кандидати кои се предложени од опозицијата, и изрази надеж дека тројцата кандидати кои ќе се изберат ќе дадат придонес во делот на унапредување на работата на Уставниот суд.
Комисијата треба да се произнесе уште за осум предлог-судии.
Освен предлогот Фатмир Скендер да биде избран за уставен судија, пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Б.М.