Рускиот претседател Владимир Путин го предупреди Западот дека Русија ќе таргетира нови цели доколку Соединетите Американски Држави почнат да и снабдуваат на Украина ракети со долг дострел, јавуваат руските медиуми.
„Доколку се испорачаат такви ракети, ќе бидат гаѓани на оние цели, што досега не беа“, рече Путин во интервју за државната телевизија „Русија-1“.
Тој ја коментираше одлуката на САД за снабдување на Украина со ракети со долг дострел, откако американскиот претседател Џо Бајден ја одобри оваа испорака минатата недела.
Путин рече дека од тоа ќе извлече заклучоци и ќе го искористи нивното оружје, за кое посочи дека има доволно, да ги таргетира оние објекти кои досега не биле гаѓани.
Рускиот претседател истакна дека снабдувањето на Киев со американски MLRS е поврзано со надополнување на загубите на украинската воена опрема.
Истакна и дека имаат информации дека се планира испорака на ракети со дострел од 45-70 километри.
Тој рече дека снабдувањето на Украина со MLRS нема да промени ништо.