Американската пејачка Дајана Рос го заврши својот настап во саботата навечер на „платинестиот концерт“ во Лондон, повикувајќи ја толпата гледачи да ѝ се заблагодарат на кралицата Елизабета за нејзината долгогодишна служба.
Познатата соул пејачка (78) излезе на сцената облечена во бело-црн фустан, додека на Бакингемската палата беше проектирана слика од диско топка пред која се одржа платинесто јубилеен концерт.
Дајана Рос го заврши својот настап со песната „No Mountain High Enough“, придружувана од хор и оркестар, и ѝ порача на кралицата: „Од сите луѓе овде вечерва и милиони што гледаат низ светот, имаме една едноставна порака за вас: Ви благодариме“.
На гала концертот пред Рос меѓу другите настапија и Дуран Дуран, Крег Дејвид, Алиша Кис и Род Стјуарт. Концертот го отвори бендот Квин со пејачот Адам Ламберт, со избор од нивните класични хит песни, вклучувајќи ги „We Will Rock You“, „Don’t Stop Me Now“ и „We Are The Champions“.