Откажана посетата на Лавров на Србија

од Stefanija Kuzmanovska
284 прегледи

Посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија беше откажана откако Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за летот на авионот што требаше да дојде во Белград, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на информации од новинската агенција „Интерфакс“.

Откажувањето на посетата го потврди и висок претставник на Министерството за надворешни работи, кој за „Интерфакс“ изјави: „Нашата дипломатија допрва треба да ја надмине телепортацијата“.

Официјална потврда на оваа информација засега нема ниту од руското МНР, ниту од официјалните лица во Србија.

Наместо планот за најавената посета на шефот на руската дипломатија, Претседателството на Србија во понеделник во 10 часот најави средба на претседателот Александар Вучиќ со амбасадорот на Русија, Александар Боцан-Карченко.

Претставничката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, во петок, на 3 јуни, официјално ја најави посетата на Лавров во Белград. Неговата посета беше закажана за 6 и 7 јуни.

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија во неделата навечер потврди дека земјата го одбила барањето на Амбасадата на Руската Федерација за користење на воздушниот простор за авионот на рускиот министер за надворешни работи да допатува во Белград.

Барањето го упати Русија и покрај тоа што Северна Македонија воведе воздушни санкции кон Русија уште на 28 февруари, по инвазијата на земјата врз Украина, која започна на 24 февруари.

Слични содржини