Премиерот Димитар Ковачевски денеска информираше дека јавноста ќе биде информирана кога ќе се изнајдат решение за отворените прашања помеѓу Скопје и Софија.
–Јас цело време одговарав дека разговорите за отворените политички прашања помеѓу Република Бугарија и нашата држава се водат на ниво на МНР и овој викенд се уверивме дека разговорите навистина се водат на ниво на МНР. Прво беа на ниво на експерти, а сега се водеа на ниво на министри за надворешни работи. И секој пат кажував дека во моментот кога ќе има решение што е прифатливо за двете страни, кое што се базира на европските вредности, кое што го задржува достоинството на политичарите, институциите и сите граѓани на двете држави и кое што ќе биде прифатливо за двете страни ќе може да биде споделено со институциите, рече Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека нема предлог од Франција.
– Франција е претседавач со ЕУ и јас го гледам залагањето на претседавачот со ЕУ, на претседателот на Франција и нормално на француското МНР оваа тема да се стави високо на агендата на претседателствувањето на Франција со ЕУ. Во рамките на нивните ингеренции и капацитет тие помагаат во фасилитирање на разговорите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, меѓутоа не постои конкретен предлог на маса којшто ќе каже ова е тој предлог, бидејќи сепак треба ние да изнајдеме решение како соседи што ќе биде навистина основа за да можеме да градиме добрососедски односи и да претставува основа за одржување на прва меѓународна конференција за нашата држава со ЕУ – рече Ковачевски.