Одложено првото судско рочиште за случајот со родилката што остана без органи

од Nikola Popovski
184 прегледи

Одложено е првото рочиште од судскиот процес против тројцата лекари, кои се товарат за несовесно лекување и вадење органи на родилката Јилдз Веапоска што денеска требаше да се одржи во Основниот суд во Струга. Рочиштето е одложено поради отсуство на обвинетите.

Адвокатот на Веапоска Сашо Јанев вели дека колку и да се одлага предметот, не може да се избега од фактот дека неговата клиентка остана без три органи во Струшката болница.

-Може да одлагаат колку сакаат, но факт е дека судењето мора да почне. Се работи за кривично дело, несовесно лекување на болни и максималната казна е до пет години. Судот и обвинителството си ја знаат својата работа и очекуваме позитивен исход, односно оние кои го сториле кривичното дело да одговараат пред законот, изјави Јанев.

ОЈО отвори случај речиси две години откако Веапоска ги загуби трите органи. Специјалист гинеколог акушер, специјализант по гинекологија и акушерство и гинеколог акушер, вработени во ЈЗУ Медицински центар Струга се товарат дека при укажување на лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката.

Веаповска се породила на 31 август лани во струшката болница а откако состојбата и станала критична ја префрлиле на скопските клиники, каде кога се разбудила од кома дознала дека и се извадени органите.

Слични содржини