Петров: Македонија себе си се гледа во „западниот свет“, одлуката за Лавров не беше изнудена

од Vladimir Zorba
525 прегледи

Европските и евроатлантските интеграции се една од ретките теми за кои постои консензус меѓу сите политички протагонисти кај нас. Настрана големите жртви кои не чинеа и сé уште не чинат на овој тежок пат, Македонија себе си се гледа во т.н. „западен свет“. Тоа е наша волја, наша желба и наша определба, на која никој не нé принудува. Уште помалку од нас изнудува некакви ставови или одлуки, вели за „Локално“ Зоран Петров, поранешен заменик министер за надворешни работи и актуелен национален координатор за имплементација на платформата занамалување ризици од катастрофи.

Настанот со забраната за прелет над нашето небо на воздухопловот во кој бил министерот Лавров, е последица и резултат на воениот конфликт во Украина, за кој разузнавачкиот аналитичар нема дилеми во негото дефинирање.

– Се работи за еклатантен пример на агресија и окупација на територии на суверена држава од страна на друга држава: Жртвата е Украина, а агресорот е Русија, веили Петров.

За заканите кои доаѓаат од руски официјални лица, поранешниот новинар вели дека Македонија е маргинален фактор во оваа голема „игра“ и несериозно е да очекуваме директни воени интервенции против нас.

-За жал, посредните последици, особено на економски и социјален план, веќе сериозно ги чувствуваме на сопствената кожа. Ако е некаква утеха, а за мене не е, цела Европа влегува во длабока економска депресија, истакнува Петров.

С. Македонија го затвори својот воздушен простор за прелет на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој беше на пат за Белград, со што предизвика нова криза во односите меѓу двете земји. Како гледате на овој потег на нашата Влада?

– Сосема логичен и очекуван е потегот на нашата Влада, која заедно со владите на Црна Гора и Бугарија забрани прелет на авионот во кој беше рускиот министер Лавров. Тоа вчера и официјално го потврди нашето Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на санкциите против Руската Федерација, кон кои, како членка на НАТО, се придружи и Македонија на 28. Февруари. Тие санкции предвидуваат, меѓу другото, и забрана на прелети на руски воздухоплови над нашиот возушен простор. Кон нив се придржуваат сите европски држави, освен Белорусија, Молдавија, Босна и Херцеговина и Србија. Не знам од каде ја извлекувате тезата дека овој потег на македонската Влада предизвикал нова криза меѓу двете земји, затоа што се работи за предвидлив потег. Ако веќе зборуваме за формално заладување на односите меѓу Македонија и Русија, тоа се случи по нашето асоцирање во Северноатлантската алијанса, на што отворено се спротивставуваа високи руски политички претставници. На пример, истиот тој Лавров, кому му беше забрането користење на македонскиот воздушен простор, изјави дека во случај на конфликт меѓу неговата земја и НАТО, Македонија станува легитимна цел на руските вооружени сили. Оттаму, доколку се зборува за некаква нова криза, треба да се потсети дека во неколку наврати македонските власти протераа руски дипломати за кои имаше сознанија дека излегуваат од рамките на своето дејствување. Сосема друга тема, која бара поопширна елаборација, претставува нашата изложеност на руските деструктивни активности преку т.н. „хибридни закани“, кои се комбинација на пропагандно-разузнавачки делувања на широк фон, особено преку експлоатацијата на социјалните мрежи и пенетрацијата во одредени политички субјекти.

Дали ова е „изнудено“ решение од страна на нашите западни партнери?

– Ние зазедовме страна пред речиси 30-тина години, кога првиот состав на Собранието на независна Македонија, донесе декларација за зачленување во НАТО, како наша стратешка цел. Европските и евроатлантските интеграции се една од ретките теми за кои постои консензус меѓу сите политички протагонисти кај нас. Настрана големите жртви кои не чинеа и сé уште не чинат на овој тежок пат, Македонија себе си се гледа во т.н. „западен свет“. Тоа е наша волја, наша желба и наша определба, на која никој не нé принудува. Уште помалку од нас изнудува некакви ставови или одлуки.

Какви последици може да очекуваме по оваа забрана? Слушаме разни закани од руски официјални лица, па дури и со балистички ракети…

– Настанот со забраната за прелет над нашето небо на воздухопловот во кој бил министерот Лавров, е последица и резултат на воениот конфликт во Украина. За кој јас немам дилеми во негото дефинирање: Се работи за еклатантен пример на агресија и окупација на територии на суверена држава од страна на друга држава. Жртвата е Украина, а агресорот е Русија. Постојат безброј причини за околностите кои доведоа до војната, некои реални, некои небулозни, но никако и никаде не можам да најдам оправдување за руската агресија. Како што не можам да предвидам колку таа ќе трае и до кои граници ќе ескалира, односно дали ќе се употреби нуклеарно оружје. Македонија е маргинален фактор во оваа голема „игра“ и несериозно е да очекуваме директни воени интервенции против нас. За жал, посредните последици, особено на економски и социјален план, веќе сериозно ги чувствуваме на сопствената кожа. Ако е некаква утеха, а за мене не е, цела Европа влегува во длабока економска депресија.

Очекувате ли повлекување на рускиот амбасадор Баздникин, од земјава?

– Не верувам, иако слушнав такви најави. Гледам дека македонските официјални лица, дури и на локално ниво, го избегнуваат рускиот амбасадор. Вчера во скопската општина Кисела Вода не присуствуваа претставници на локалната власт на положувањето венец пред споменикот на Пушкин, иако беше дојдена делегација од руската Амбасада.

Лавров истакна дека разговорите во Србија требало да имаат широк спектар од теми, а планирал да даде поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“ кој треба да ги подобри односите во Регионот. Дали практично со оваа изјава, тој ја „закопа“ иницијативата, од која дел е и Македонија?

– Да бидеме начисто: Посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на Србија, нема никаква врска со некакви политички теми, а најмалку со инцијативата „Отворен Балкан“. Ако тој навистина имал искрена и сериозна намера да разговара со српскиот претседател, Вучиќ или со премиерката Брнабиќ, тоа можел да го направи телефонски преку онлајн платформи. Евидентно е дека целта на неговата посета беше демонстрација на моќ и ароганција, игнорантски однос кон резолуциите на ООН и меѓународните санкции, како и обезбедување материјал за домашната пропаганда за светскиот антируски заговор.

Б.М.

Слични содржини