Германски медиуми: Вучиќ го напушта Путин, случајот „Лавров“ е лекција по географија

од Nikola Popovski
229 прегледи

Доколку треба да избере, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе ја избере ЕУ пред Русија, пишува германскиот печат. Недоаѓањето на Сергеј Лавров во Белград беше моќна лекција по географија, која покажува каде е Србија.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не можеше да го посети Белград во понеделникот (6-ти јуни), откако српските соседи му забранија прелетување на неговиот авион. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) пишува дека вака пропаднала средбата на претседателот на Србија и „човекот кој со години ги разубавува војните на Путин на меѓународните сцени“.

„А имаше важни теми за разговор“, потсетува весникот на договорот со Гаспром од кој Србија, барем така тврди Вучиќ, треба да добие гас по добра цена уште три години. Веста најмногу се толкува како руски шеќер за односот на Србија кон Кремљ, пред се поради одбивањето да се приклучи на санкциите“, наведува франкфуртскиот весник.

„Но, не може да се занемари дека Вучиќ веќе некое време се обидува претпазливо да се оттргне од Путин. Еден показател за тоа се повремените критички прилози и изјави во империјата на телевизиите, порталите и булеварскиот печат, со кои раководат интимни лица на Вучиќ и кои секогаш известуваат во негова корист“, додава весникот, наведувајќи дека дури во тие медиуми се слушнало дека„Лавров е гостин кој сам се поканил“.

„Ваквите нијанси покажуваат дека српскиот претседател не е првенствено идеолог, туку прагматичен моќник. Тој нема ништо против да објави братство со Русија, кога тоа му користи политички дома, но не сака да влезе во крвно братство среде војната на Русија, што на крајот може да ја уништи српската економија“, вели авторот на написот Мајкл Мартенс.

Во текстот се додава дека во Белград кружат „чаршиски приказни“ дека германскиот канцелар Олаф Шолц би можел да ја откаже посетата на Србија доколку Лавров дошол порано, а дека дури и Вучиќ на таа тема зборувал на ТВ Пинк.

Овој благ пресврт покажува дека во сегашните услови, политиката на Вучиќ на замавнување меѓу Истокот и Западот тешко се одржува“, се вели во текстот. „Може да се случи на Кремљ да не му се допаднат идните одлуки на Србија“.

Долгорочна „прошетка по јајца“

Берлинскиот „Тагесцајтунг“ наведува дека Лавров, покрај разговорите за гасот, сакал „да ја охрабри Србија да не следи ниту една од санкциите што ги бара Европската унија“.

„Србија со години маршира по јајца меѓу Брисел и Москва. Од една страна, претседателот Александар Вучиќ повторува дека Србија има волја за влез во ЕУ, а од друга страна, Русија на Путин ужива големи симпатии меѓу националистичките партии во Србија, а тоа важи и за војната во Украина“, пишува весникот.

Стабилно на Балканот со два услова

Претходниот долгогодишен дописник од Белград, Андреас Ернст, напиша за позицијата на Србија во швајцарскиот „Ное цирхер цајтунг“:

„Лесно е да се претпостави дека Кремљ се обидува да ја ослаби одбранбената моќ на Европа со српската карта. Евентуален конфликт на Балканот би ја исфрлил ЕУ од кревка рамнотежа во овој момент и брзо ќе го преоптовари НАТО. Единственото прашање е дали Србите се подготвени да учествуваат? Одговорот е: тешко, освен ако ЕУ не направи груби грешки“.

Се наведува дека Вучиќ и Додик на некој начин дури и профитираат од геополитичката пресметка на ЕУ.

„За Брисел и за западноевропските престолнини, реформската агенда на Западен Балкан сега е во втор план. Во моментов поголем акцент се става на затворањето на надворешнополитичките и безбедносните дупки во регионот. Ова е добро за многу авторитарни политичари во Балканот – не само Вучиќ и Додик“.

„Генерално, постојат добри шанси ситуацијата на Балканот да остане стабилна“, продолжува Ернст. „Тоа, сепак, е поврзано со два услова. Едниот е Русија да не победи во оваа војна, а другиот е барем донекаде конзистентна политика на ЕУ на Западен Балкан.

Тој додава дека без тоа на Балканот брзо може да се разбуди реваншизмот, идеи за Голема Србија или Голема Албанија, што би го загрозило постоењето на БиХ и Северна Македонија.

„Затоа останува важно ЕУ да ја обнови понудата за интеграција на Западен Балкан и да ја прилагоди на таков начин што овие земји можат да бидат постојан дел од Унијата за неколку години“, заклучува „Ное цирхер цајтунг“.