Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши истакна дека туризмот, иако е еден од најбрзорастечките економски сектори во нашата држава, располага со големи можности за привлекување на странски и домашни инвестиции и можност за отворање нови работни места.
„Иницијативата „Отворен Балкан, покажа во овие тешки моменти на економијата дека како никогаш досега Република Северна Македонија, Албанија и Србија ги надминаа сите очекувања во делот на соработката и меѓусебната помош и поддршка”, рече Бектеши.
Тој подвлече дека конкретните договори и надминувања на бирократските препреки ги отвораат границите и одликите на секој град ги прави достапни за граѓаните.
Додаде дека и потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу трите земји е во насока на зајакнување на економската соработка во делот на туризмот, при што компаниите и граѓаните на земјите од регионот ќе добијат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји.
Изразувајќи верба дека Иницијативата ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон поголема промоција на убавините на Балканот како туристичка дестинација, како и економска стабилност и поразвиен Балкан, министерот Бектеши посочи дека со потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на туризмот во Западен Балкан ќе се зголеми искористеноста и промоцијата на туристичкиот потенцијал на земјите учеснички.