Интер ќе ги забрза преговорите со напаѓачот Пауло Дибала, со кој наскоро може да го комплетира трансферот, пишува „Газета Дело Спорт“.
Најверојатно, раководството на клубот денеска ќе се сретне со агентот на играчот Хорхе Антун за да ја претстави својата официјална понуда: 4-годишен договор со плата од 6 милиони евра по сезона, која со вклучените бонуси може да достигне 7 милиони.
„Нероазурите“ го привлекуваат Аргентинецот уште пред раскинувањето на договорите на Алексис Санчез и Артуро Видал.
Како што е познато, гигантот од Милано чекаше прво да се раздели со двајцата Чилеанци за да ослободи средства за доаѓањето на Дибала. Сепак, сопствениците на клубот дале дозвола договорот со „Ла Хоја“ да биде порано, бидејќи се сигурни дека Санчез и Видал ќе си заминат.
Изданието додава дека поранешниот играч на Јувентус го преферирал Интер пред Борусија (Дортмунд), Њукасл, Арсенал, Севиља и Атлетико Мадрид.