Европскиот парламент со мнозинство гласови усвои закон со кој се предвидува дека од 2035 година во Европа ќе може да се продаваат само автомобили со нулта емисија на штетни гасови, што значи дека ќе биде забранета продажбата на нови возила на бензин и дизел, објави Политико.
Законот, кој има за цел да ги намали вкупните емисии на јаглерод диоксид за 55% до 2030 година во однос на нивото од 1990 година, беше поддржан од 339 европратеници, додека 249 беа против, а 24 беа воздржани.
Со денешното гласање работата на тој закон не е завршена, бидејќи текстот сега треба да се усогласи со Европскиот совет, а конечната верзија би требало да ја потпишат министрите за заштита на животната средина на земјите членки на ЕУ на состанокот во Луксембург на 28-ми јуни.
Желбата е да се забрза транзицијата кон електрични возила во Европа и да се охрабрат производителите на автомобили да инвестираат повеќе во електрификација, што дополнително е поттикнато од друг закон, кој ќе бара од земјите-членки да постават милиони станици за полнење на електрични возила.