Конгресна комисија: Нападот на Капитол беше обид за државен удар, зад сето тоа стои Трамп

од Vladimir Zorba
211 прегледи

Комисијата на Претставничкиот дом на САД, која го истражува бунтот и инвазијата на Капитол на 6 јануари 2021 година, го обвини Доналд Трамп за овие настани, наведувајќи дека тоа не е спонтан бунт, туку „обид за државен удар“ и директен резултат на обидот на поразениот претседател да ги поништи изборите во 2020 годинa.

Со емитувањето на 12-минутното видео од смртоносното насилство, кое досега не е јавно прикажано, и со изненадувачките сведоштва на најблиските соработници на Трамп, комисијата детално аргументираше дека постојаните лаги на Трамп за изборна измама и јавните обиди да го запре Џозеф Бајден да ја преземе власта, ја напаѓа и ја загрозува американската демократија.

„Демократијата се уште е во опасност“, предупреди претседателот на комисијата, демократскиот конгресмен од Мисисипи, Бени Томпсон, на дебата одржана синоќа во 20 часот во ударниот термин на телевизија, за да можат што повеќе Американци да ја видат, пренесе Глас на Америка.

Тој додаде дека 6 јануари е „кулминација на обидот за државен удар, безобразен обид, како што рече еден од бунтовниците непосредно по 6 јануари, за соборување на владата“ и дека „насилството не е случајност“.

Комисијата објави видео, кое претходно не беше јавно прикажано, во кое поранешниот секретар за правда Бил Бар изјави дека му рекол на Трамп дека тврдењата за наместените избори се само глупости.

Во друго видео, ќерката на поранешниот претседател Иванка Трамп сведочеше дека го почитува мислењето на Бар дека немало изборна кражба.

Некои од снимките ги прикажуваат лидерите на екстремистичките организации „Чувари на заклетвата“ и „Горди момци“ како се подготвуваат да упаднат во Капитол за да се борат за Трамп.

„Претседателот Трамп собра насилна толпа“, рече републиканката Лиз Чејни, член на Претставничкиот дом на Вајоминг и потпретседател на комисијата што ја водеше поголемиот дел од дебатата.

Во салата се слушнаа гласни воздишки на изненадување кога Чејни прочита сведоштво според кое, кога на Трамп му беше кажано дека толпа во Капитол скандираше дека потпретседателот Мајк Пенс „треба да виси“, Трамп одговорил дека „можеби се во право“ и дека „тој тоа го заслужува“.

Претседателот Бајден, кој присуствуваше на Самитот на земјите од американскиот континент во Лос Анџелес, изјави дека многу гледачи „првпат ќе видат бројни детали за настаните од 6 јануари“.

Во својот коментар за извештајот на комисијата, Трамп повторно ја отфрли целата истрага и дури објави на социјалните мрежи дека 6 јануари е „најголемото движење во историјата на нашата земја“, наведува Гласот на Америка.