Во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија посветен на „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул, претпладнево се одржа празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх Вартоломеј, на која молитвено присуство имаа и архиепископот охридски г. Стефан, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, митополитот преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископот хераклејски Климент и епископот антаниски Партениј.
Во своето обраќање кон вселенскиот патријарх Вартоломеј, архиепископот Стефан му се заблагодари прифаќање на нашето апелациско прибегнување и за востановувањето на литургиското општење со нашата Црква.
– Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот Синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на Православната Црква, истакна архиепископт Стефан.
Сега е јасно, додаде г. Стефан, колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на Православните.
– А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете – и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење“, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на Православната Црква, рече меѓу другото архепископот Стефан.