Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ треба да се извинат на граѓаните, а ВМРО ДПМНЕ да си побара оставка од Мицкоски, зошто во Ротердам на Конгрес на ЕПП, беше Усвоена Резолуција, спротивна на македонската Резолуција во која се содржани македонските позиции, повика денеска Богданка Кузеска, портпаролката на СДСМ.
Ставот на СДСМ и Ковачевски за државните позиции, додаде таа, е јасен.
„Залудно ВМРО-ДПМНЕ извртува иронични изјави на премиерот на Република Албанија Еди Рама, за што и од неговиот кабинет кажаа дека коментарот е всушност сарказам насочен кон блокадата на Бугарија за интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ“, одговори Кузеска на новинарско прашање.
Претходно членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски побара оставка од актуелниот премиер поради „навредување на својата земја и за срамот кој се нанесе на меѓународна сцена“.
„Македонската јавност беше сведок на досега невиден меѓународен блам. Вчера видовме како Димитар Ковачевски го надмина Зоран Заев во секој поглед во погазувањето на достоинството и дигнитетот на државата преку срам на јавна меѓународна сцена.
Не се само понижувачки зборовите со кои Македонија беше посрамена и навредена на меѓународна средба пред балканските лидери и германскиот канцелар, туку уште повеќе тоа што Ковачевски сето тоа го проследи со недоветно смеење и одобрување.
Вчера кога го преставуваа како премиер на идна западна Бугарија, Ковачевски ако имаше грам достоинство ќе реагираше во одбрана на својата држава која ја претставува и за што зема плата од граѓаните, а не уште без врска да се смее и да се радува“, истакна тој и повика на излегување на протести на 18 јуни.