ТЕНИСКОТО чудо од Холандија наречено Тим ван Ријтовен долго ќе го памети овој ден. Ја освои првата титула во кариерата победувајќи го светскиот бр.2 (од утре бр.1), Данил Медведев во финалето на Хертогенбош со 6:4, 6:1.
Специјална покана за овој турнир доби 205-от светски играч, кој над сите очекувања успеа да победи во својата татковина и со тоа покажа дека финалето на јуниорскиот „Вимблдон“ не било случајност.
Момчето од Рузндал одржуваше високо ниво на игра од првиот до последниот поен. Русинот немаше решение за тоа, па московјанецот ќе мора да почека нова можност за првата титула во 2022 година.
Колку оваа недела беше совршена за Ван Ријтовен говори податокот дека за неколку дена победи тројца Топ 15 играчи и двајца кои се меѓу првите 10. Најпрвин во второто коло беше подобар од Тејлор Фриц, во полуфиналето го победи Феликс Ожие-Алијасим и во мечот за трофејот – Медведев.
Холанѓанецот го чека скок од дури 99 позиции, па од утре ќе биде 106-ти на АТП листата.